Твитер календар 2014 е продолжение на идејата за општествено ангажиран календар што во 2013 година за прв пат се направи заради подигање на јавната свест за ракот на дојка.
Во оваа смисла заедницата на луѓе активни на твитер, повторно испраќа порака за здравјето, овој пат за сексуалното здравје, преку фотографии од голи актови.
Дополнително оваа година фотографиите беа контекстуализирани во стилот на фото-блогот Идеи за домот кој што прикажува детали од ентериер и дизајн фатени од порнографскиот објектив.
Фотограф на календарот е Ивана Батев. Имињата (или твитер прекарите) на луѓето што се фотографирани се наведени на фотографиите.
Пораките за сексуално здравје ги состави тимот на организацијата ХЕРА чиј фокус на работа е сексуалното и репродуктивното здравjе и права.
Во духот на воспоставената пракса од 2013, календарот има и хуманитарен аспект. Средствата прибрани од продажбата на фотографиите ги дониравме на организацијата ХОПС за нивната програма за поддршка на сексуалните работници чија што цел е промоција и унапредување на правата на сексуалните работници и нивните семејства во Македонија со цел подобрување на нивниот здравствен, социјален и економски статус
Календарот немаше да биде возможен без сите луѓе што учествуваа пред и зад фото објективот, како и тимот од Идеи за домот. Посебна благодарност испраќаме и до луѓето од кафе-барот Излет кои ни овозможија да ја организираме промоцијата во нивниот простор и се погрижија фотографиите да бидат испечатени.
Ви благодариме на сите за помошта!
Подолу се пораките од ХЕРА ако сакате да ги твитате или споделувате со фотографија.
Јануари: „Не“ секогаш значи „не“. Разголеноста не е замена за согласност.
Февруари: И вистинските мажи плачат.
Март: Хомосексуалноста не е избор, хомофобијата е.
Пролет: Зад секоја успешна жена, стои успешен маж, а може и успешна жена.
Април: Моите права не се поклон од владата.
Мај: Да за сексуалните права, бидејќи се човекови права, бидејќи луѓето се сексуални битија.
Јуни: Сеопфатно сексуално образование и дома и во школо.
Лето: Ние сме млади мажи, жени, геј, хетеросексуалци, ХИВ+, сами, во врска, среќни.
Јули: Мојата матка не е инкубатор на нацијата.
Август: Имам право на избор. Избирам сама, не дозволувам никој да го направи тоа за мене.
Септември: Разговорот со партнерот за желбите и потребите е нешто што ќе ве направи добри во кревет.
Есен: Родителството не е законска обврска, туку лична и најинтимна одлука.
Октомври: Кога жените ја преминуваат границата заслужуваат да бидат тепани... Не би рекла!
Ноември: Родовата еднаквост не е закана за семејството.
Декември: Сексуалноста секој ја искусува на за себе единствен начин.